Турција незадоволна од поддршката на сојузниците во борбата против тероризмот

Турција соработува со многу земји во борбата против тероризмот, но дека тоа не е на задоволувачко ниво

Турција незадоволна од поддршката на сојузниците во борбата против тероризмот

Ибрахим Калин, портпарол на кабинетот на претседателот Ердоган рече дека НАТО сојузниците не ѝ даваат поддршка на Турција, која е единствената членка на тој сојуз што истовремено се бори против три терористички организации, и оти не е сигурен дека тоа би било така доколку друга членка беше во позицијата во којашто се наоѓа Турцијаç

На прашањето на новинарите во Истанбул да ја коментира изјавата на американскиот амбасадор во Турција, кој кажа дека во Турција немало многу терористички напади во изминатите девет месеци, исклучиво поради соработката со САД, Калин изјави дека Турција соработува со многу земји во борбата против тероризмот, но дека тоа не е на задоволувачко ниво.

„Тероризмот е глобален проблем и бара глобална соработка и решение. Ние таа соработка не ја гледаме само како усна поддршка, туку како процес на размена на разузнавачки податоци, заеднички операции и други активности. Кога таква соработка ќе имаме на теренот, ќе има и резултати. Вистина е дека ние соработуваме со САД и со другите земји, особено во борбата против ДЕАШ, но сметаме дека тоа не е доволно“, изјави Калин.

Toj истакна и дека Турција од сојузниците очекува поголема и поконкретна помош во борбата против тероризмот и таа помош да не остане само на изразување сочуство по терористичките напади.

„Република Турција се бори против терористите на ДЕАШ, ПКК и на ФЕТО. Сликата е сосема јасна ако погледнеме дали и колку Турција на тие три фронта ја поддржуваат партнерите од НАТО или другите сојузници. Незадоволни сме со оваа поддршка и сметаме дека токму затоа се случуваат и многу терористички напади во светот. Се прашувам како би реагирала која било членка на НАТО да е во позицијата на Турција и да се бори против три терористички организации, а да ѝ стигнува ограничена и многу слаба поддршка“, рече Калин.

Осврнувајќи се и на ситуацијата во сириската покраина Идлиб, во којашто според договорот на Турција, Русија и Иран, би требало да влезе турската војска како гарант за прекинот на судирите, Калин изјави дека во тој регион и понатаму се во тек извидувачките и подготвителни активности за испраќање на војниците во мисија.

„Знаете дека во Астана делегациите договорија да се воспостават четири зони без судири во Сирија, и сега е во тек процесот на спроведување на прекинот на судирите во Идлиб, кој се наоѓа на турската граница. Во согласност со договорот, и нашите војници ќе бидат ангажирани во Идлиб и за тоа сега се во тек подготовките и извидувачките активности“, изјави Калин.

Укажувајќи на комплексноста на ситуацијата во Сирија, а особено во Идлиб, Калин изјави дека затоа е потребна добра и внимателна подготовка на секој нареден потег. „Во Идлиб зборуваме за 1,5 милиони лица кои моментално живеат таму. Подготовките се вршат поради два приоритета, и тоа да ги заштитиме нашите војници и да спречиме какви било цивилни страдања. За тој процес ќе ве известуваме дополнително“, изјави Калин.



Слични вести